Thursday, June 29, 2017

Рио стигна во Македонија...

          На 28 јуни го собравме Рио Хигучи, нашето ново јапонско пријателче што ни го прати на наша грижа и одговорност мојот помал "брат" од Каназава, Хиро (инаку универзитетски професор со име и презиме Хирофуми Сугавара) од скопскиот хотел Белви каде што пристигна претходната ноќ од Виена. На пат за Охрид поминавме до Горно Нерези за ние да го видиме Св. Пантелејмон по којзнае кој пат и свечено да му го промовираме на Рио кој, познавајќи ги јапонците, веројатно уште многу пати ќе доаѓа тука.
Во натписот над вратата што води во наосот на нерешката црква се вели дека таа била подигната и живописана во 11б4 година. Нејзин ктитор бил принцот Алексиј Комнен, син на феудалецот Константин Ангел и Теодора, ќерката на византискиот цар Алексиј од династијата на Комнените кој сликарската задача му ја доверил на проминентен сликар кој ја обележал епохата и со своето врвно дело останал трајно забележан во историјата на сликарството како "мајсторот од Нерези".
Излегувајќи од Скопје, наминавме и до Матка да ја ѕирнеме црквата Св. Андреј и да направиме по некоја фотка од црквата и преубавата природа во кањонот на Треска. Самата црква е подигната во 1388/89 година во живописниот кањон на реката како заветнина на Андреаш, братот на Крали Марко, во вид на триконхална куполна црква со припрата доградена во XVI век. Во сликарството на зографот, митрополитот Јован се оживеани класичните идеали, строгите пропорции, волуменот и сите други носечки стилски компоненти на дворската уметност од почетокот на XIV век.
На пат за Тетово и Гостивар му се јавивме на Симе во Вруток да фрли на скарата неколку пастрмчиња и да го доизлади пивцето додека стигнеме таму.
После околу два часа, со целосно подмирени потреби од храна и пивце, задоволни и завалени во седиштата продолживме за Охрид каде што попладнето и следниот ден Рио ги разгледуваше и фотографираше охридските цркви и други интерсни места, некои заедно со мене, а некои во придружба на Емил.
Св. Пантелејмон во Нерези

Во кањонот на Треска кај Матка
Св. Андреј во кањонот на Треска кај Матка
Пастрмчето кај Симе во Вруток

No comments:

Post a Comment