Wednesday, October 25, 2017

Сите во Банско и јас во Банско!

Ај демек, празник е, сите одат ваму, таму, онаму, некаде, па и јас да се тргнам некој ден од градов и каде-во Банско, велат било вакво, такво, онакво (мене ми се виде ни вакво ни такво, а рака на срце ни онакво, ама, нејсе, да не почнувам негативно од стартот).
Уште веднаш да кажам дека нема да споменувам ни име на туристичка агенција, ниту на превозник, а ни името на хотелот во Банско, да не рече некој еве, правам негативна кампања.
Тргнавме за Битола рано на утро, во 3:30 часот. Таму ни се придружи и битолскиот дел од екипата и, опа, возачот нė израдува дека мораме веднаш во гаража, пукнало цревото од ладилникот. Професионален возач да тргне на пат со непроверено и неисправно возило мене, како невозач, ми е доста чудно, ама пак кога јас ќе влезев во гаража и ќе се најдев на канал со уште триесетина сопатници (или сопаталци) ако не се случеше ова? Е, некаде после околу час и половина продолживме, собирајќи ги по пат патниците од Прилеп и други попатни места кои пак се изначекале на ладното за разлика од нас кои имавме среќа да си седиме на топло, во автобусот на канал во гаражата!
И, да скратам, после разнесувањето на патниците по другите места и хотели конечно попладнето стигнавме во нашиот "all inclusive" хотел со 4 (и со букви: ЧЕТИРИ) ѕвезди каде што за ручек ни го послужија она што останало од вчера или од доручекот (така си мислев додека не се уверив дека секој ден е помалку или повеќе исто). Така ами како, како што прилега на "all inclusive" хотел со 4 ѕвезди, како што стоеше во понудата.
Собите релативно големи, но со стар, неудобен мебел, нечисти, сė како што прилега на "all inclusive" хотел со 4 ѕвезди.
Базенот, пак, беше посебна приказна, водата ем ладна ем нечиста, просторијата незатоплена така што секое влегување во него беше на сопствен ризик, за среќа влегов само еднаш и пу, пу, да не чуе лошото, не настинав.
Самото гратче, или село, не знам во која категорија да го сместам, нешто посебно не ми се допадна. Една улица со продавници, кафулиња, црква, меани, пазар, галерија на икони која и покрај сета моја упорност секогаш остануваше затворена, пазар, главно тоа беше сė што видов во Банско.
Но не е сė така црно како што изгледа според горе напишаното, си купив убава и евтина јакна од вистинска кожа, тоа е најубавото нешто по што ќе го паметам Банско.
А велат дека било убаво во Банско,особено во зима, на скијачките терени на Пирин Планина, но тоа им го препуштам на љубителите на снегот и зимските спортови, а мене, како докажан љубител на убавата природа, сонцето, капењето во езеро или море, сепак ми е многу поубав мојот Охрид, а зошто да не и некоја друга потопла и поубава дестинација од Банско!
06:28 часот, ние во автобусот, автобусот на канал во гаража, уште нетргнати од Битола

Влезот во нашиот "all inclusive" хотел со 4 (четири) ѕвезди
Поглед на еден од врвовите на Пирин Планина
Реката што тече низ Банско, во близина на нашиот "all inclusive" хотел со 4 (четири) ѕвезди
Поглед од терасата на нашата соба 
Одиме од хотелот накај центарот на Банско
Низ улиците на Банско
Меана или хотел во единствената интересна улица

Wednesday, October 18, 2017

Избори со, или без избор?

Изборите поминаа, е де, барем она главното, вториот круг ќе е, што би рекле америте, "пис оф кејк". Избори како избори, ако воопшто имаше некоја саглам понуда па човек навистина да може нешто да избере, ама нејсе, некој доби некој изгуби, како што обично бидува во животот. Но најважно е што времето е уште убаво и душа дало за велосипедирање долж езерскиот брег и, секако, задолжителното фотографирање на есенските бои и езерската тишина.
Еве, да ве почестам со неколку фотографии од моите прошетки деновиве...
Поглед од мостот преку каналот што ги спојува Билјанините извори со Охридското Езеро
"Мојата" плажа во овој период од годината кога јас не сум таму
Лево од "мојата" плажа, со поглед свртен кон Галичица, Св. Наум и Албанија
На езерскиот брег во Пештани и првите куќи од оваа некогашна рибарска, а сега туристичка населба
Боите на есента и одразот на небесното синило во бистрите езерски води
Боите на есента и одразот на небесното синило во бистрите езерски води-1
Боите на есента и одразот на небесното синило во бистрите езерски води-2
Езерска тишина и одразот на небесното синило и карпите во бистрите езерски води
"Пештански" поглед кон Градиште, Трпејца, Св. Наум и Албанија

Friday, September 29, 2017

"Жива"-награда за најдобар словенски или словенечки музеј во 2017 година, кој како милува...


Од 20 септември до 24 септември, во Блед, Словенија, се одржа завршната церемонија на овогодинешната награда "Жива" за најдобар словенски музеј во 2017 година (иако веројатно не сме разбирале добро, бидејќи на крајот, наместо СЛОВЕНСКИ излезе дека се бирал најдобар СЛОВЕНЕЧКИ музеј). Беше убаво да се учествува во натпреварувањето на 23 музеи од 11 словенски земји во Европа (од вкупно 13 членови на Форумот на словенски култури, бидејќи Словачка и Украина не учествуваа оваа година).
Имаше убави презентации (нашата можеби беше и најдобра, ова го кажувам онака, субјективно), имаше меѓусебно дружење, нови познанства, средби со стари пријатели, пиење хрватско вино што го прошверцувале нашите нови пријатели од Градишка, но нашите љубезни домаќини во хотелот ни наплатија по пет евра од шише само за да го пиеме во хотелското лоби и да ги искористиме хотелските чаши, но ние сме стара југословенска школа (минус Словенија), па успеавме да ги зезнеме, плативме за две, а испивме три шишиња добро Кутјевачко вино!
Целодневнaтa екскурзиja до Радовљица, Мојтстрана, Крањска Гора, Планица, Бохињско Езеро исто така беше убава ... И сè беше убаво, Словенците си ја дадоа главната награда себе си, како што е навистина ред, а не како што ние тоа го правевме на Макфест, на самиот почеток во 1986 година, опааа, првата награда на Хелена Благне, во 1988 година на Крунослав Слабинац, '89 на Зорица Конџа, '91 на Поп Дизајн! Така, во првите шест години од фестивалот-четири победници од другите братски републики на СФРЈ и, каква случајност, двајца од нив од Словенија! Е не, ќе си играме играчки.
И да се вратам на "Жива", беше како што беше, наградите ги добија оние што ги добија, но она што е најважно, сите присуствувавме на гала вечерата во вилата "Блед", поранешна резиденција на нашиот поранешен доживотен претседател, и ни го служеа истото мени кое било служено во 1956 година на самитот со Георги Димитров и со компанијата. "Стариот лисец" знаеше што е добро кркање, како и добра пијачка (исто како што имаше и завидно познавање на жените), и на крај бевме засладени со познатата кремпита, добра беше, иако сум јадел дури и подобро во нашата слаткарница "Корзо". Го зедов менито како сувенир, кој знае, можеби некогаш ќе вреди нешто на некоја аукција, но можеби е премногу, изгледа дека премногу ги гледам “Ловци на складишта и Битки за багаж”...

Сертификати, брошури, флаери, програми ...

Од коктелот во фоајето на хотелот "Асторија" по церемонијата на официјалното отворање
Дел од атмосферата на церемонијата на официјалното отворање на настанот
Знамињата на 13-те земји-членки на Форумот на словенски култури
Нашиот штанд беше еден од најбогатите и преполн со најразновидни промотивни материјали
Ние зад штандот, подготвени да ги запознаеме нашите колеги и да ги разменуваме материјалите со нив
Во разговор со колешка од музејот во Градишка, Хрватска
На почетокот на презентацијата на нашата институција
Видео прошетката низ нашите музејски поставки и локалитети може да започне
Од работилницата под наслов "Посетители и креативност"
Моменти на дружење и пријателство со колегите во слободното време, тука, на пример, со Петко од Софија
Масата во аголот со наградите пред да бидат доделени на победниците
Во пресрет на церемонијата на доделување наградите во салата на вилата "Блед"
Атмосферата на гала вечерата во ресторанот на вилата "Блед"
Островот во Бледското Езеро со барокната црква Успение на Богородица
Поглед кон Блед, езерото и шеталиштето околу него
Поглед од мојот прозорец кон црквата Св. Мартин во Блед
Хотелот "Језеро" на брегот на Бохињското Езеро
Поглед на Бледскиот замок и снежните Алпи во далечината
Од официјалниот прием организиран од градоначалникот Јанез Фајфар во Бледскиот замок
Групени портрет на учесниците во Бледскиот замок
Групен портрет во подножјето на 99-те скали кои водат до црквата на           Бледскиот Остров
Дел од атмосферата на концертот во црквата Успение на Богородица на     Бледскиот Остров