Thursday, June 29, 2017

Рио стигна во Македонија...

          На 28 јуни го собравме Рио Хигучи, нашето ново јапонско пријателче што ни го прати на наша грижа и одговорност мојот помал "брат" од Каназава, Хиро (инаку универзитетски професор со име и презиме Хирофуми Сугавара) од скопскиот хотел Белви каде што пристигна претходната ноќ од Виена. На пат за Охрид поминавме до Горно Нерези за ние да го видиме Св. Пантелејмон по којзнае кој пат и свечено да му го промовираме на Рио кој, познавајќи ги јапонците, веројатно уште многу пати ќе доаѓа тука.
Во натписот над вратата што води во наосот на нерешката црква се вели дека таа била подигната и живописана во 11б4 година. Нејзин ктитор бил принцот Алексиј Комнен, син на феудалецот Константин Ангел и Теодора, ќерката на византискиот цар Алексиј од династијата на Комнените кој сликарската задача му ја доверил на проминентен сликар кој ја обележал епохата и со своето врвно дело останал трајно забележан во историјата на сликарството како "мајсторот од Нерези".
Излегувајќи од Скопје, наминавме и до Матка да ја ѕирнеме црквата Св. Андреј и да направиме по некоја фотка од црквата и преубавата природа во кањонот на Треска. Самата црква е подигната во 1388/89 година во живописниот кањон на реката како заветнина на Андреаш, братот на Крали Марко, во вид на триконхална куполна црква со припрата доградена во XVI век. Во сликарството на зографот, митрополитот Јован се оживеани класичните идеали, строгите пропорции, волуменот и сите други носечки стилски компоненти на дворската уметност од почетокот на XIV век.
На пат за Тетово и Гостивар му се јавивме на Симе во Вруток да фрли на скарата неколку пастрмчиња и да го доизлади пивцето додека стигнеме таму.
После околу два часа, со целосно подмирени потреби од храна и пивце, задоволни и завалени во седиштата продолживме за Охрид каде што попладнето и следниот ден Рио ги разгледуваше и фотографираше охридските цркви и други интерсни места, некои заедно со мене, а некои во придружба на Емил.
Св. Пантелејмон во Нерези

Во кањонот на Треска кај Матка
Св. Андреј во кањонот на Треска кај Матка
Пастрмчето кај Симе во Вруток

Нова поставка во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид

       Кон крајот на месец јуни 2017 година, покрај сталната поставка на икони од светски познатата охридска збирка што е изложена во горниот простор, во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид, во вид на нова поставка за посетителите беше изложен уште еден дел од богатото наследство од збирките на НУ Завод и Музеј-Охрид.
Се работи за дваесет и две фреско-копии со ликовите на словенските просветители Сс. Климент и Наум Охридски, но и Сс. Кирил и Методиј и други светители од црквите во Македонија и соседните земји, како Србија и Косовоно, но и една од Рим, Италија. Копиите се изработени претежно во 1966 и  1980 година, по повод прославата на 1050 годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски (1966) и отворањето на Музејот на Словенската писменост во Охрид (1980) од страна на најпознатите кописти во тоа време како Драгомир Јашовиќ, Зденка Живковиќ, Никола Цонев и други. Минатата, 2016 година, поголемиот дел од овие фреско-копии беа изложени на изложбата "Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност" во папскиот универзитетот Урбаниана во Ватикан, како и на две други изложби во Скопје и Охрид.
Покрај фреско-копиите, во склопот на оваа изложба, во пет стаклени витрини се изложени и повеќе везови и разни богослужбени предмети меѓу кои има реликвијари, кандила, делови од опкови на икони, како и едно четвороевангелие со прекрасно изработен сребрен опков, сè со цел да се збогати содржината и разноликоста на предметите што им се презентираат на посетителите на Галеријата на икони-Охрид. Сите предмети се претходно конзервирани, опремени и подготвени за презентација.
Поглед на поставката
Поглед на поставката-1
Два везени крстови, делови од сакос или омофор и реликвијар од XIX век
Два везени крстови, делови од сакос или омофор и реликвијар од XI век
Везена подеа со претстава на Воведението на Богородица во храм и две кандила
Поглед на изложбените витрини
Четвороевангелие со сребрен опков од 1769 година и сребрено кандило
Делови (ореоли и раце) од опкови на икони од  XVIII и XIX век