Saturday, July 8, 2017

Почеток на турата-од Курбиново до Водоча

           Денес изутрина тргнавме на турата низ Македонија, Грција и Албанија за да се обидеме да го исполниме планот што Рио веќе претходно ни го имаше испратено. На неговиот список за Македонија беа Св. Ѓорѓи во Курбиново, св. Никола во Манастир, Св. Богородица во Дреново, Водоча, Велјуса и Св. 15 тивериополски маченици во Струмица (Нерези и Матка беа гратис од нас, а ручекот кај Симе во Вруток гратис од Рио за нашиот гратис).
Наша прва денешна цел е црквата Св. Ѓорѓи во селото Курбиново во Преспа. Била изградена во 1191 година, што се гледа од натписот над олтарот за време на владеењето на Исак II Ангел. Во XVII век била запуштена, а во текот на XIX век била обновена.
Оваа мала и однадвор неугледна, еднокорабна градба со полукружна апсида, која е и најголемата еднокорабна црква во Македонија, во својата внатрешност крие едни од највредните мурали во источно-христијанската уметност. Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас. Творештвото на непознатите мајстори во Курбиново, претставува надоврзување на творештвото на нерешките мајстори, иако во голема мера се забележува голема оригиналност во стилот и изразот.
Не знам што и колку можеше да види, а уште помалку да фотографира Рио од сето ова, бидејќи цела црква, и однадвор и внатре е "окована" со скелиња од дрвени греди и штици (инаку најголема казна за јапонец е да не му дозволиш да фотографира, бидејќи тие светот го гледаат преку објективот на фотоапаратот).
И додека Рио се качуваше и слегуваше по скелињата, кружеше околу црквата, фотографираше и си бркаше работа, пристигна конзерваторската екипа што работи на заштита на фреските. Мене, како на малку поупатен во овие работи, ми се чини доста нелогично да се конзервира фреско-живописот на црквата кога истата буквално се распаѓа, статиката на црквата и вештачката тераса на која е изградена е крајно нарушена, речиси сите гипсени пломби за следење на движењето во статиката се испукани, ама си знаат тие, големи се!
Продолживме за Мариово, да ја видиме црквата Св. Никола во селото Манастир. Во возилото климата работи и е многу пријатно, но термометарот покажува дека надвор температурата е неверојатни 54 степени целзиусови!!!
Манастирската црква претставува трикорабна базилика, посветена на три светии: централниот кораб е посветен на Богородица, северниот на Архангел Михаил, а јужниот на св. Никола. Според архитектонскиот тип на црквата може да се забележат две градежни фази од кои првата е од 1095 година, а нејзината сегашна форма ја добила после втората фаза од 1266 година, кога ја обновил игуменот Акакиј. Нејзиниот фрескоживопис бил изведен пет години подоцна, односно во 1271 година. Стилската нализа на ѕидното сликарство во црквата покажува дека работеле повеќе зографи, меѓу кои се истакнува зографот-рефендар Јован, за кој се смета дека е оној истиот Јован, творецот на иконата на св. Ѓорѓи од истоимената црква во Струга која датира од 1266/67 година.
И во оваа црква се работи, подот е целосно раскопан, се вршат некакви истражувања и испитувања со цел негова реконструкција, ни раскажува архимандритот Никола со кој по завршената работа и пријатен разговор со чаша ладна вода се поздравивме и го продолживме патот. Излеговме од мариовскиот пекол кога се вративме на патот што води кон Плетвар, но и овде не е многу посвежо.
Имавме од порано слушнато за т. н. ”мермерно езеро” кај селото Беловодица што се наоѓа десно после превојот Плетвар и во тие моменти на пеколна горештина ни се виде како најдобра опција за освежување. Скршнавме од патот и се впуштивме во авантура. Малку асфалт, повеќе макадам, а најмногу некаков насипан пат од мермерен чакал, а богами и крупни камења, достоен за Камел трофи, и со силни маки, но и посилна решеност стигнавме некако до зцртаната цел, а таму-рајска убавина и тишина.
Откако убаво се освеживме во бистрата вода која којзнае од каде доаѓа и ја наполнила оваа прилично голема јама, настаната со експлоатација на мермерни блокови и братски поделивме една цела лименка пиво го продолшивме нашето патешествие.
Следна цел ни е кавадаречкото село Дреново и црквата Св. Богородица која била изградена веројатно во првата половина на XIV век, во време на владеењето на цар Душан, а живописана од зографот Димитриј во 1356 година. Наваму-натаму по прашливите патеки покрај нивите и лозјата некако стигнавме до Дреново и црквата.
По кусото задржување заради снимање и фаќање прибелешки, заминавме кон Струмица, што побргу да ги завршиме предвидените посети на Св. Богородица Елеуса во Велјуса и Св. Леонтиј во Водоча, бидејќи и цревата сè погласно ни кркореа зошто освен бурекот со јогурт утрината во Ресен не бевме јаделе ништо, а и жапчето во стомакот кркореше за ладно пивце.
Најпрвин отидовме до првата бидејќи е малку подалеку од Струмица отколку Водоча. Црквата Св. Богородица во Велјуса била изградена во 1080 година од монахот Маноил кој подоцна станал струмички епископ. Црквата ја има зачувано својата изворна архитектура и претставува единствен таков објект од XI век во Македонија. Има форма на тролист со осумстрана купола и со куполен четирилистен параклис на јужната страна. Во нејзината внатрешност, покрај автентичната мермерна олтарска преграда и подниот мозаик, сочуван е само мал дел од знаменитото ѕидно сликарство настанато помеѓу 1085 и 1093 година. Од Велјуса се упативме кон Водоча, наближувајќи се сè повеќе до Струмица, едвај чекајќи конечно да го завршиме денот со обилна храна и поголема количина ладно пиво пред да отидеме на заслужен одмор во удобноста на хотелот Сириус, а денот навистина ни беше многу долг и напорен.
Комплексот на водочките цркви, што го сочинуваат три цркви, се наоѓа на околу четири километри западно од Струмица, во селото Водоча. Најстара од нив е источната трикорабна куполна црква која била разурната по пропаста на Самуиловата држава во 1018 година, а најстара фреска овде е претставата на неидентификуван светец од крајот на X век.
Вториот  дел од комплексот го сочинува Западната мала крстовидна куполна црква, изградена во периодот 1018-1037 година.
Средната куполна црква е најголема и претставува епископска црква, што се заклучува според синтроносот во олтарната апсида. Таа е подигната кон крајот на XI и почеток на XII век и е посветена на Св. Леонтиј, еден од Четириесеттемина севастиски маченици. Од фрескоживописот на оваа црква се зачувани фрески со претстави на шест Архиереи и фреската на Четириесетте Севастиски маченици. Во самиот комплекс се истражени две манастирски бањи, конак со стопански придружни објекти и богата средновековна некропола со над 1000 гробови од XIII сè до XX век. Црквата во XIII век била разурната по што била напуштена и во нејзина близина тогаш никнала богата средновековна некропола.
Врз остатоците на темелите од поранешните цркви е извршена реставрацијата во 1979 год. и денес е јасно забележливо по оловната преграда до каде биле остатоците.
И додека Рио си бркаше работа, снимајќи, фаќајќи забелешки и скици (додуша и јас направив подоста фотографии од двете цркви) квечерината полека се спушташе, а гладта успеавме малку да ја залажеме со слатките што ни ги понудија монахињите во двата манастири.
Конечно, крај на работниот дел за денес, ноќта веќе се спушташе кога се упативме кон хотелот Сириус. После пријавувањето и кусото задржување тука, тргнавме да се најдеме со мојот пријател и поранешен (а и сега повремен) комшија Ико, роден струмичанец, а натурализиран охриѓанец, на кој му се јавив уште од Водоча, за да нè одведе до некој добар ресторан на насушно потребната вечера и пивско освежување во жешката струмичка ноќ. Местото беше во Градскиот парк, вечерата богата, разновидна, феноменална (или барем така ни се чинеше заради големата изгладнетост), криглите ладно пиво не се обидувавме да ги броиме, а прекрасната жива музика само ни го увелича доживувањето.
Веќе длабоко зачекоривме во ноќта, а изутрина треба рано да се станува, имаме уште една задача во Струмица, а потоа правец-Грција. Затоа се прибравме назад во хотелот и уште додека главата ми беше на пат кон перницата сум заспал...
Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново во Преспа, изградена во 1191 година
Курбиновската црква "окована" со скелиња од дрвени греди и штици и однадвор и внатре
Во Мариовскиот пекол од над 40 степени целзиусови
Црквата Св. Никола во Мариовското село Манастир
Ентериерот со раскопан под заради истражувања и негова реконструкција, како што ни кажа архимандритот Никола
За мене најубавиот Архангел Михаил во нашиот средновековен фреско живопис

"Мермерно езеро" кај селото Беловодица во кое најдовме спас од пеколната горештина
Црквата Св. Богородица во кавадаречкото село Дреново од првата половина на XIVвек
Црквата Св. Богородица во селото Велјуса кај Струмица, изградена во 1080 година
Црквата Св. Леонтиј во селото Водоча, подигната кон крајот на XI и почеток на XII век
Мермерната олтарна преграда на црквата Св. Леонтиј во Водоча